Христијан Илиоски ја започна новата сезона во БМУ шампионатот со силен настап, завршувајќи на четвртата позиција на отворањето во Романија.
Овој резултат добива уште поголема тежина ако се има предвид дека Илиоски првпат во својата 25-годишна кариера настапи на песочна подлога – терен кој бара сосема поинаков пристап и искуство. И покрај тоа, тој успеа брзо да се прилагоди и да покаже стабилно и конкурентно возење.
Илиоски за мотори.ком.мк потврди дека станува збор за целосно ново искуство за него:
За нас на овие простори, што немаме излезено на стази со ваква песочна подлога, разликата е во искуството и непредвидливоста на патеката. Треба да возиш на песок за да знаеш како да се однесуваш. Јас имам слушнато за Ломел во Белгија и Риола Сардо во Италија – за нив важи дека кој таму вози, може да вози секаде. За тие стази велат: „Земи нов мотор, извози ја трката и моторот е веќе потрошен.“ Истото мислење го делат и тркачите од соседството кои биле на подготовки таму. Уште од дете ми беше желба да возам на тие две стази.
На прашањето за поготовките за трката и конкуренцијата во шампионатот тој вели:
Сега е убава работа што имаме ваква подлога и во Романија. Лично за мене ова беше големо искуство. Имав малку време да се прилагодам, дадов сè од себе, но ми недостига знаење за ваков тип терен. Засега, на ова ниво на песок, немаме друга патека. Конкуренцијата е добро подготвена – нивото на мотокросот кај сите соседи од година во година расте. Одат на зимски подготовки, професионално се подготвени и имаат големи можности да си ја работат својата задача. Јас сè уште немам можност за квалитетна зимска подготовка. Повторно многу работа ме чека по паузата од трките надвор. Од трка во трка ќе се надоградувам. Заостануваме од регионот и со стази, и со трки, и со тркачи – во секој поглед. Како натпреварувач го давам најдоброто, со многу пожртвуваност и над условите секогаш.
Постигнатиот пласман е добар показател за формата со која битолскиот ас влегува во сезоната, а воедно и најава дека ќе продолжи да се движи нагоре со секоја следна трка, градејќи континуитет на меѓународната сцена.
По трката, Илиоски изрази благодарност до својот тим, спонзорите и семејството – поддршка што му овозможува да остане посветен и мотивиран во секој настап.
Можноста што ми се укажа со соработката со Triumph и со дадените услови е шанса повторно да придонесам во мотокросот од моја страна.
Оваа сезона тој е поддржан од: Triumph Motorcycles Skopje, Konti Hidroplast, Vulco Prilep, Silkolene, Igi 2000, EAM, SKODA Josifov, FOD DOOEL Novaci, Министерството за спорт, Општина Битола и секако неговиот матичен Мото клуб Пелистер.





Коментари